Леванте и Реал Мадрид вечерва одиграа спектакуларен натпревар, кој заврши со резултат 3:3 во второто коло од шпанската Ла Лига.
Реал Мадрид одлично го отвори натпреварот и стигна до предност во петтата минута. Бензема направи одлично додавање по десната страна и ја врати топката кај Балеа, кој од десет метри ја погоди мрежата на Леванте за 1:0.
Гостите продолжија да го контролираат ритамот на натпреварот и повторно се заканија во 39. минута кога Бејл се обиде со одличен слободен удар, но топката мина покрај стативата.
Две минути подоцна се обиде и Иско, но немаше гол. Во второто полувреме гледавме тотално поинакво издание на Леванте, што очигледно ги шокираше и играчите на кралскиот клуб.
Веќе во првиот напад во продолжението на натпреварот, Леванте израмни на 1:1. Марти Роџер успеа да ја погоди мрежата на Куртоа по одличната асистенција на Мелер.
Само десет минути подоцна, тотален пресврт на домашниот тим. Де Фрутос направи одличен центаршут од десната страна, а Кампана ја заби топката во мрежата на Реал Мадрид за 2:1 и одлично славје на домашните навивачи.
Сепак, Реал Мадрид успеа да се врати во натпреварот во 73. минута. Касемиро асистира фантастично за Винисиус Јуниор кој излегува сам пред голманот на домашниот тим и постигнува гол за 2:2.
Кога сите очекуваа Реал да тргне по пресврт, Леванте повторно го презеде водството. Барди центрираше, а Алабу ја погоди топката во глава и отиде кај Роберт Пјер, кој од неколку метри лесно го совлада Куртоа за 3:2.
Сепак, тоа не беше крајот на спектакуларниот натпревар во Валенсија. Реал Мадрид тргна напред со сите сили и успеа да дојде до точка.
Во 85. минута, Бензема асистираше до Винисиус, кој ја погоди мрежата на Леванте со фантастичен дијагонален удар од левата страна за 3:3, што беше конечен резултат на вечерашниот натпревар.
Две минути подоцна, домашниот голман доби директен црвен картон бидејќи играше со рака на средината на теренот кога се обиде да ја запре контрата на гостите. Домашниот тим немаше право на промена, а стоперот Рубен Везо до крајот беше на голот на Леванте.
Леванте сепак успеа да ја зачува својата мрежа до крајот и освои бод против Реал Мадрид, иако ноќеска во два наврати имаше предност, но на крајот сигурно може да бидат задоволни од резултатот.
Реал е втор на табелата со четири бода, додека Леванте е осми со два освоени бода.