ФУДБАЛ

Најлудиот трансфер досега: Купија играч за 15 килограми колбаси, а потоа ги измами

Во светот на фудбалот видовме разни трансфери за кои е издвоена неверојатна сума на пари, но има и такви кои се платени на некој друг начин.

Еден од најчудните трансфери во светот на фудбалот се случи во 2008 година, во Романија. Во центарот на вниманието беше дефанзивецот Мариус Сиоара, кој играше за второлигашот УТ Арад.

Челниците на Арад решија да го продадат овој фудбалер, а интерес за него покажа Регал Хорија, кој во тоа време се натпреваруваше во четвртиот ранг на романскиот фудбал.

Арад и Хорија успеаја да направат зделка и да го комплетираат трансферот, а на крајот второлигашот доби 15 килограми колбаси за Сиоара. Да, добро прочитавте – 15 килограми колбаси.

Сепак, Регал Хорија сметаше дека биле измамени на грд начин затоа што Сиоара реши да се повлече неколку дена по потпишувањето на договорот.

Потоа се посвети на друга професија и реши да продолжи да живее во Шпанија. Челниците на Арад не беа премногу заинтересирани за тоа, па одбија да го вратат она што го добија за овој играч.