ФУДБАЛ

Наполи ќе го менува стадионот за ЛШ, а навивачите на Ливерпул веќе резервирале хотели

Поради реновирање на стадионот „Сан Паоло“ во Неапол, можно е Наполи своите натпревари од Лигата на шампионите против Ливерпул, ПСЖ и Црвена Звезда да ги игра на стадионот во Бари „Сан Никола“.

На ваквиот потег челниците на Наполи размислуваат откако нивниот стадион во моментов не исполнува услови да ги играат натпреварите во елитното друштво во Европа, а згора на тоа на стадионот се изведуваат и градежни работи.

Доколку се одлучат на ваков чекор, „Наполитанците“ ќе им направат проблем на навивачите на Ливерпул, кои веќе резервирале хотели во Неапол за време на натпреварот помеѓу овие два тима.

Бари од Неапол е оддалечен повеќе од 250 километри, и тоа ќе биде проблем за фановите на „црвените“ кои чекаат конечен одговор, за да можат да најдат сместување на другата страна од брегот на Италија.

Инаку играњето на Наполи во Бари наиде на одобрување кај фановите на Црвена Звезда. Нивниот тим токму на стадионот „Сан Никола“ ја освои европската шампионска титула во 1991 година.

Извор: ТВ21