ФУДБАЛ

Навивач беше убиен за време на финалето Палмеирас-Челзи

Еден навивач е убиен за време на нередите во Сао Паоло меѓу навивачите на Палмеирас.

Палмеирас и Челзи го одиграа финалето на Светското клупско првенство на ФИФА во Доха, а во исто време хаос настана и во Сао Паоло, каде симпатизерите на бразилскиот тим организирано го следеа натпреварот.

Илјадници навивачи се собраа пред стадионот на Палмеирас за да ја проследат драмата во која лондонскиот тим славеше на големите екрани, откако Каи Хаверц погоди од пенал во 117. минута од судиското продолжение за 2:1.

Полицијата соопшти дека починатиот бил затворски чувар кој таа вечер не бил на должност, а не се знае кој пукал во него.

„Дошло до тепачка меѓу навивачите, која предизвикала нереди и еден маж бил застрелан“, се вели во соопштението на полицијата.

За време на немирите е уапсено и едно лице, а полицијата била принудена да употреби солзавец и гумени куршуми за да ја растера толпата.