Маж на возраст од околу 50 години починал по масовна тепачка во која учествувале навивачи пред паб во Блекпул, јавуваат британските медиуми. Во саботата, по натпреварот од Чемпионшип помеѓу Блекпул и Барнли, имаше масовна тепачка меѓу навивачите на ривалските клубови пред еден паб.
Навивачот на Блекпул, Тони Џонсон (55) во тепачката се здобил со сериозни повреди на главата и бил пренесен во локална болница. Тој почина во понеделникот откако го помина викендот на апарати за одржување во живот, потврди Блекпул.
Полицијата приведе 33-годишен маж кој е осомничен дека тешко го повредил Џонсон.
„ФК Блекпул е длабоко шокиран и тажен кога дозна дека нашиот симпатизер Тони Џонсон трагично го загуби животот“.
Полицијата отвори истрага и ги повика сведоците да излезат.
„Инцидентот се случи во фреквентна област и знаеме дека во тоа време имало многу луѓе кои го виделе целото или дел од тоа што се случило“, соопшти полицијата.
Се огласи и Барнли.
„Фудбалскиот клуб Барнли е шокиран и тажен од веста за смртта на поддржувач на Блекпул. Ги споделуваме нашите мисли и сочувство со неговото семејство, пријателите и сите во Блекпул“, велат од клубот.
Средбата помеѓу Блекпул и Барнли заврши без голови. Барнли води на табелата и е најголем кандидат за Премиер лигата, додека Блекпул е во зоната за испаѓање.
