Вечерва Јувентус ќе игра против Виљареал во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Ако прашате вистински навивач на Фиорентина што мисли за Јувентус или нивниот нов напаѓач Душан Влаховиќ, ќе ви го кажат најлошото. Јувентус е заколнат непријател на Фиорентина, а Влаховиќ стана предавник на навивачите на Фиорентина откако одби да го продолжи договорот, па зимава заврши во Јувентус.
Влаховиќ беше најдобар играч и стрелец на Фиорентина, но српскиот репрезентативец не одолеа на поканата на најтрофејниот тим во Италија и вечерва ќе ја почувствува сладоста од настапот во Лигата на шампионите.
Се претпоставува дека тој ќе го води нападот на својот тим (се уште не го знаеме составот), а доста интересно е она за што денеска пишуваат медиумите во Италија – Јуве ќе има поддршка и од навивачите на Фиорентина.
Само звучи апсурдно некој во Фиренца да навива за Јувентус и Влаховиќ, но има добри причини за тоа. Имено, Фиорентина очекува дополнителни пари преку бонуси, а добар дел се однесува и на најдобрите можни игри и пласман во Лигата на шампионите.
Друга, уште поголема причина зошто ќе „навиваат“ за Јувентус е тоа што Италијанците во случај некој од нивните клубови да ја освои Лигата на шампионите би го добиле петтото место во најелитното клупско натпреварување во Европа.
Фиоретина моментално е седма со реални шанси да се најде меѓу најдобрите пет екипи во Италија, што може многу да и значи доколку Јувентус ја освои Лигата на шампионите. Тешко е да се очекува тоа од Интер, бидејќи овој тим е пред елиминација поради поразот од 2-0 на Ливерпул на Меаца.
Влаховиќ добро ја отвори авантурата во Торино, па постигна гол на првиот меч против Верона, а одлично одигра и против Аталанта и Торино, но најзаслужен е за победата над Сасуоло и пласманот во полуфиналето од Купот на Италија.
Зад него е исклучителен период во неговиот живот. Пронајде нова девојка и изгради среќна врска, а минатата година ќе ја памети по тоа што и помогна на Србија да се пласира на Светското првенство во Катар.