ФУДБАЛ

Не е се така бело: Два дена пред Манчестер Сити во Реал се вклучија сите аларми!

Реал Мадрид минатиот викенд ја освои 35. титула на Шпанија, но далеку од тоа дека е крај на сезоната за популарните Кралеви.

Реал во среда го игра реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите и ќе има задача да надополни 4:3 од првиот меч кој го доби Манчестер Сити.

Сепак, не е се така бело во кралскиот клуб, а „виновник“ е Давид Алаба, кој му зададе сериозна главоболка на Карло Анчелоти и го вклучи алармот во Валдебебас.

На два дена пред мечот, Австриецот се уште не се вратил на тренинзите откако заработи повреда на адукторот на првиот меч против Граѓаните.

Неиграњето на Алаба во последната линија, која покажа огромни слабости на Етихад, би било голем хендикеп за Лос Бланкос.

Искусниот дефанзивец денеска работеше одвоено од тимот, тренираше индивидуално во салата, додека не работеше со топка и голема е веројатноста дека нема да игра во среда.

Уште двајца отсутни се Герет Бејл и Еден Азар, но Анчелоти сигурно не сметаше сериозно на Белгиецот и Велшанецот во текот на целата сезона.

Бејл има проблеми со грбот поради што не беше ниту на прославата на титулата. Азар се опоравува од повредата и целта му е да добие неколку минути до крајот на сезоната.