ПСЖ сезонава успеа да ја освои титулата француски шампион, но повторно резултатот изостана на европската сцена.
Иако ПСЖ имаше навистина фантастичен тим оваа сезона, на крајот повторно не успеа да го освои трофејот во Лигата на шампионите, а работите да бидат уште полоши, парижаните доживеаја елиминација во осминафиналето од ова натпреварување.
ПСЖ успеа да го освои трофејот на францускиот шампион, но тоа не е утеха за навивачите на овој клуб. Она што ги направи посреќни е тоа што Килијан Мбапе го продолжи договорот и реши да остане.
Француските медиуми сметаат дека ПСЖ на лето би можел да го смени тренерот бидејќи клубот не е многу задоволен од резултатите на Маурисио Покетино.
Веќе неколку дена се шпекулира дека ПСЖ сака да го доведе Зинедин Зидан, а наводно челниците на овој клуб директно го контактирале францускиот стручњак и му понудиле договор.
ПСЖ му понуди на Зидан многу богат договор според кој тој ќе биде еден од најплатените тренери во светот. Му ветија дека само тој ќе раководи со тимот и дека нема да му се меша во работата, но ниту тоа не го привлече.
Како што пишува утринава Le Parisien Зидан, тој им одговорил на челниците на ПСЖ и ја одбил нивната понуда. Тој им се заблагодари што контактирале со него, но рече дека во моментов не е заинтересиран да води клуб.
Приоритет на Зидан и натаму е репрезентацијата на Франција, а во оваа земја се сигурни дека тој ќе биде нов селектор по Светското првенство во Катар, кога се очекува Дидие Дешам да си замине од оваа функција.