Хрватската фудбалска репрезентација доживеа тежок пораз во 1.коло од Лигата на нации. На стадионот Градски врт во Осиек подобра беше Австрија со убедливи 3-0.
Воведниот половина час од натпреварот не донесе премногу убав фудбал. Хрватска беше нешто подобра селекција, имаше две добри шанси, но Пашалиќ во два наврати не успеа да постигне гол.
Во финишот на првиот дел Австрија стигна до целта. Се играше во 41. минута кога Марко Арнаутовиќ искористи огромен простор во одбраната на Ватрените и со прецизен удар погоди за 1:0.
Со овој резултат заминуваат на одмор, а во продолжение избраниците на Златко Далиќ доживуваат вистинска катастрофа.
Ивушиќ најпрвин во 51. минута го сопре Грегорич, кој сам тргна кон него, но хрватскиот голман три минути подоцна не можеше ништо.
Вобер мина по левата страна и со приземна топка го пронајде осамениот Грегорич кој го зголеми водството на гостите на 2:0.
Три минути подоцна нов гол во мрежата на домаќините. Марсел Сабицер со удар од 20 метри ја зголемува предноста на убедливи 3-0.
Австрија на овој меч можеше да извојува поубедлива победа. Гостите имаа уште неколку шанси, а Ватрените на крајот можат да бидат задоволни што примија само три гола.
Во вториот натпревар од групата 1 од Лигата на нации, Данска ја совлада Франција со 2:1 на стадионот Франција во Париз.
Одличен натпревар беше забележан на дуелот на овие селекции, а на крајот победата на Данците им донесе резервистот Андреас Корнелиус со два гола.
Сите три гола беа постигнати во вториот дел. Карим Бензема им донесе предност на Французите со феноменалниот гол во 51. минута, а потоа Данците израмнија во 68. минута преку Корнелиус на 1:1.
Победа на гостите им донесе Корнелиус во 89. минута. Тој ја искористи грешката на одбраната на домаќините и ја заби топката во мрежата на Љорис за конечни 2:1.