Менаџерите на неколку тимови од Премиер лигата, наводно, се јавиле меѓусебно за да разговараат како да ја запрат новата ѕвезда на лигата.
Норвешкиот напаѓач Ерлинг Халанд летово се пресели од Борусија Дортмунд во Манчестер Сити, а веќе е јасно дека ќе биде големо засилување за Граѓаните. Во саботата Халанд го постигна својот прв хет-трик за Сити, кој успеа да ја анулира негативата од 0:2 против Кристал Палас и да победи со 4:2.
22-годишниот фудбалер беше премногу силен, брз и едноставно незапирлив за дефанзивците на Палас, а се чини дека сите други тимови ќе ги имаат истите проблеми кога ќе се соочат со Граѓаните.
Затоа, менаџерите на одредени тимови од Премиер лигата, наводно, упатиле повици меѓусебно да разговараат за Халанд и сакаат заедно да најдат начин да го спречат.
Оваа вест прв ја објави британски Телеграф, а потоа ја пренесоа многу портали во Англија. Едноставно, стравот од Халанд е евидентен, сите се загрижени како да се справат со „вонземјанинот“ кој е висок, силен и брз.
„Тој е вонземјанин – посилен, повисок и побрз од се што сме виделе во фудбалот досега“, наводно рекол еден од тренерите.
Тренерите кои бараа заедничко решение за да го запрат Халанд не се именувани, но можете сами да погодите…
Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола го нема тој проблем, ужива во игрите на Халанд и не престанува да го фали.
„Она што е важно е дека тој е убав човек, приземјен“, изјави тренерот на Сити, Пеп Гвардиола за новинарите по хет-трикот на Халанд.
„Го гледам неговото однесување и неговиот говор на телото. Обрнете внимание на говорот на телото на играчот и тој секогаш е во вистинската позиција. Тој е многу среќен за се. Не се работи само за голови. Ерлинг е фантастичен“, изјави Пеп.
Халанд постигна неверојатни 86 гола на 89 настапи во текот на неговите две и пол сезони со Борусија Дортмунд и моментално во просек има повеќе од гол по натпревар за Манчестер Сити.