Герет Бејл на крајот од оваа сезона го завршува својот долг престој во Реал Мадрид, а Велшанецот многу напорно се труди дополнително да го оцрни своето име во мадридскиот гигант.
Тренерот на „кралевите“ Карло Анчелоти сметаше на неговите услуги до крајот на сезоната. Сепак, Бејл очигледно повеќе не сака да игра за Реал и тоа го потврди со своето однесување пред мечот со Еспањол.
Бејл пред овој натпревар повторно се пожали на болки во грбот. На Карло Анчелоти му било кажано дека не е подготвен за натпреварот и италијанскиот стручњак го симнал од списокот на играчи за утрешниот дуел.
Ова не е првпат Бејл да прави вакво нешто. Истото го направи и пред Ел Класико со Барселона и неговите последни месеци во Реал изгледаат како вистинска трагикомедија.
Клубот размислува да преземе одредени санкции против 32-годишниот офанзивец, но ретко која казна може премногу да го поколеба.
Реал Мадрид со евентуална победа против Еспањол ја освојува титулата во Шпанија и ќе видиме дали Бејл ќе присуствува на евентуалната прослава на титулата.
Герет Бејл помина осум и пол години во Реал Мадрид. Тој беше на позајмица во Тотенхем една полусезона, а за кралевите одигра 258 натпревари и постигна 106 гола.
Со еден од најголемите тимови во светот освои апсолутно се што можеше, но поради своето однесување ќе остане запаметен како еден од најомразените фудбалери во историјата на клубот.