
Маурицио Зампарини го продаде италијанскиот клуб Палермо на компанија од Лондон за десет милиони евра. Тој сакаше да се ослободи од клубот за кој настапуваат нашите Илија Несторовски и Александар Трајковски, во кој како што вели самиот, вложил повеќе од 150 милиони евра откако го купи Палермо од тогашниот претседател на Рома, Франко Сенси во 2002 година.
- Со кнедла во грлото го потпишав договорот, барав некој кој може да вложи повеќе пари, а новите сопственици ќе имаат добра ситуација, чисти сметки и поддршка од навивачите. И јас сум од северот на Италија, но во душата после се станав Сицилијанец, вели Зампарини.
Палермо во последните години е на клацкалка помеѓу Серија А и Б, моментално се лидери во втората лига, имаат квалитетен тим и набрзо би можеле да се вратат во елитата.
Зампарини во текот на изминатите години продаде голем број одлични играчи како Лука Тони, Барзаљи, Амаури, Кавани, Пасторе, Франко Васкез, Дибала, а со тие огромни трансфери го финансираше клубот кој најголемиот дел од своето постоење пред неговото доаѓање го мина во третата лига.