Фудбалот во Италија синоќа конечно продолжи по тримесечна пауза поради пандемијата на коронавирус.
Сезоната во Италија продолжи со возвратниот натпревар од полуфиналето на Купот, во кој се натпреваруваа Јувентус и Милан. Немаше голови на синоќешниот натпревар, а Јуве се квалификува во финалето поради гостински гол (1:1).
Љубителите на фудбалот во Италија едвај чекаа да продолжи сезоната, и покрај тоа што натпреварите ќе се играат пред празни трибини. Синоќешниот натпревар се емитуваше низ целата земја, а интересот беше неверојатен.
Италијанските медиуми пишуваат дека дури 8,2 милиони гледачи синоќа го гледале натпреварот помеѓу Јувентус и Милан во своите домови, а тоа, се разбира, се однесува само на територијата на Италија.
Ова најдобро покажува колку луѓето се желни за фудбал и уморни од постојаните приказни за пандемијата. Вечерва се игра вториот реванш во полуфиналето на Купот на Италија, а ќе се сретнат Наполи и Интер.