ФУДБАЛ

„Никој не ме замоли да играм бесплатно, но јас би сакал да се вратам во Барса во друга улога“

Лионел Меси летово мораше да ја напушти Барселона откако каталонскиот клуб не можеше да му понуди продолжување на договорот.

Меси имаше намера да го продолжи договорот со Барселона кога ќе се врати од одмор, но потоа доби шокантна вест од Жоан Лапортa кој му откри дека тоа нема да биде возможно.

Поради големата финансиска криза Барселона не можеше да му понуди на Меси продолжување на соработката, поради што Аргентинецот беше принуден да го напушти каталонскиот клуб во кој ја мина целата своја досегашна кариера.

Меси одлучи да потпише двегодишен договор со ПСЖ каде не му оди баш најдобро. Се уште нема постигнато гол во Лига 1 и на теренот се гледа дека се уште се навикнува на новиот тим и новиот систем на игра.

Еден од најдобрите играчи на сите времиња даде интервју за каталонски спорт во кое призна дека би сакал еден ден да се врати во Барселона и да стане член на управниот одбор за да му помогне на клубот.

„Би сакал да се вратам во Барса, да му помогнам на клубот како член на управата. Отсекогаш сум велел дека сакам да му помогнам на клубот на секој можен начин и да бидам од корист за Барса. Би сакал да станам член на одборот во одреден момент, ако се укаже прилика, помогнете и на Барселона. Тоа е клуб кој навистина го сакам и на кој му посакувам се најдобро, сакам да продолжи да се развива и сакам да биде најдобар во светот“, изјави Меси.

Тој исто така призна дека никој не барал од него да остане во клубот и да игра бесплатно.

„Никој во Барса не побара од мене да играм целосно бесплатно. Мојата цел е да освојам уште една Лига на шампиони до крајот на кариерата и се надевам дека тоа ќе се случи“, додаде аргентинскиот фудбалер.

Меси досега одигра осум натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања и има постигнато три гола во Лигата на шампионите, додека во Лига1 се уште не се запишал во листата на стрелците.

ПОВРЗАНО

Лига на шампиони