Французите тешко се помируваат со фактот дека по четири и пол години останаа без титулата светски првак.
Пречекот на француската фудбалска репрезентација денеска беше откажан во Париз, по поразот во финалето на Светското првенство од Аргентина.
„Кога не победуваме, не сме расположени да одиме на прошетка на Шанзелизе или на кое било друго место“, рече претседателот на Француската фудбалска федерација, Ноел Ле Гре.
Француските фудбалери треба да пристигнат во Париз од Катар околу 18 часот.
Франција не успеа да ја одбрани титулата светски првак, бидејќи во неделата вечерта загуби од Аргентина во финалето на Светското првенство по изведување пенали со 4:2, откако по регуларниот дел и продолженијата резултатот беше 3:3.