Пред неколку дена Ерлинг Халанд постигна хет-трик во квалификацискиот натпревар за СП против Гибралтар.
По овој натпревар во кој Норвешка славеше убедливо со 5:1, ниту еден од противничките играчи не сакаше дресот да го замени со sвездата на Борусија Дортмунд и на Норвешка. Причината беше однесувањето на Норвежанецот во првиот натпревар на овие тимови, кога тој одби да го даде својот дрес на капитенот на Гибралтар, кој сакаше да го израдува својот син.
„Го игнориравме. Во март, нашиот капитен Рој Чиполина го побара дрес. По телевизиско интервју, тој му рече: ‘Моето мало синче е твој голем фан, ајде да се разменуваме за дресови?’. Реакцијата беше изненадувачка. Халанд само го погледна, се насмеа и замина. Може да купи многу работи, но класата не може да се купи. Имаше можност да му приреди големо задоволство на малото дете, но тој рече не. Од таа причина, никој од нас не го сакаше неговиот дрес во Осло“ , рече еден од играчите на Гибралтар Рис Стих.
Халанд има неверојатни бројки оваа сезона. Тој постигна 12 гола на 15 натпревари за националниот тим, а на седум настапи за Борусија Дортмунд има девет гола и четири асистенции.
Заедно со Килијан Мбапе, тој во моментов е најталентираниот играч во светот и некој што се смета за наследник на Лионел Меси и Кристијано Роналдо.
Но, за да стане вистински шампион, овој 21-годишен Норвежанец ќе мора да работи на сопствениот имиџ и да сфати дека некои ситници како давање дресови на млади навивачи се едноставно нешта што можат само да му помогнат да стане уште поголем.