Англиските медиуми најавуваат дека Кристијано Роналдо, откако отсуствуваше од неделното градско дерби против Манчестер Сити, очигледно нема да биде во тимот на Јунајтед на следното премиерлигашко дерби против Тотенхем.
Последниве денови славниот Португалец беше нападнат од бројни медиуми на Островот, го нарекоа и предавник, бидејќи „доброволно“ реши да го прескокне дуелот со Граѓаните. Сепак, тоа не е така.
Извори блиски до 37-годишниот ас наведуваат дека тој игра со големи болки во последните два месеци и дека проблемот со колкот е единствената причина поради која минатиот викенд не беше во тимот на Манчестер Јунајтед.
Португалецот мораше да мирува и ги прескокна последните тренинзи пред мечот со Сити. Тој во вторникот се врати на тренинзите на првиот тим, но повторно работеше со намален интензитет.
Како што сега стојат работите, Кристијано Роналдо ќе го пропушти мечот со Тотенхем в сабота на „Олд Трафорд“.
Манчестер Јунајтед нема победа во последните три натпревари во сите натпреварувања. Реми со Атлетико (1:1) во Мадрид во Лигата на шампионите и со Ватфорд (0:0) на домашен терен во Премиер лигата, додека во градското дерби претрпе болен пораз од 4:1.
Кристијано Роналдо оваа сезона одигра 31 натпревар за Јунајтед во сите натпреварувања и постигна 15 гола со три асистенции.
Натпреварот на Олд Трафорд е закажан за в сабота од 18 часот и 30 минути.