Роберт Левандовски пред неколку дена ја освои осмата германска титула и сега е порешен од кога било да го напушти Баерн.
Левандовски со години игра на врвно ниво во Баерн, но и покрај се не успеа да ја освои наградата за најдобар играч на светот, лани за влакно ја испушти Златната топка.
Наводно, големиот Полјак е незадоволен од условите кои му ги нуди Баерн за продолжување на договорот и е решен да ја напушти Бундеслигата.
Како следен клуб, тој ја избра Барселона и верува дека успехот со каталонскиот гигант ќе му донесе освојување на Златната топка, барем според Sport, весник кој традиционално им оди во прилог на Барса.
Трансфер гуруто Фабрицио Романо претходно објави дека Пини Захави веќе е во Минхен каде ќе разговара за иднината на Левандовски.
Претставници на Барселона со недели се во преговори со Захави, па веројатно затоа овој менаџер допатува на разговор во главниот град на Баварија.
Кога станува збор за Барселона, клубот од Ноу Камп му понуди на Баерн 35 милиони евра за Левандовски и Баварците наводно се подготвени да го продадат.
Инаку, Левандовски во Минхен заработува 12,5 милиони евра нето годишно, но е подготвен да игра за помалку пари за да стане член на каталонскиот великан.
Капитенот на полската репрезентација во претходните осум години одигра 372 натпревари за Баерн и постигна 342 гола. Се разбира, тој освои апсолутно се што можеше. Неговиот договор истекува во летото 2023 година.