Синоќа во Шпанија официјално заврши летниот преоден рок, а Атлетико Мадрид не направи никакво изненадување.
Мадриѓаните ја завршија целата работа пред два дена кога го доведоа Серхио Регилон на позајмица од Тотенхем, додека Ренан Лоди замина во Нотингем Форест.
Претходните недели се шпекулираше дека Атлетико може да го доведе дури и Кристијано Роналдо, кој наводно преку својот агент Жорге Мендеш им се понудил на челниците на овој клуб, но на крајот ништо не испадна.
Диего Симеоне утринава одржа прес-конференција пред утрешното гостување кај Реал Сосиедад, а секако најмногу се зборуваше за преодниот рок кој штотуку заврши.
Еден од новинарите го праша Симеоне дали Атлетико е навистина блиску до потписот на Роналдо ова лето, но неговиот одговор беше јасен показател дека тој не е расположен да зборува за тоа.
Утре имаме многу тежок натпревар во Сан Себастијан. Ќе зборуваме само за тоа“, изјави Симеоне.
Тема беше и Антоан Гризман, кој изгледа конечно се врати во форма, но натпреварите најчесто ги започнува од клупата и добива шанса само во последните половина час.
Интересно е што тој никогаш не игра повеќе од 30 минути, бидејќи на овој начин Атлетико сака да избегне откупување на договорот од Барселона, што би го чинело овој клуб дури 40 милиони евра. Тие најдоа дупка во договорот која вели дека не мора да го купуваат Гризман ако игра помалку од половина час по натпревар оваа сезона.
За ова зборуваше и Симеоне и на некој начин потврди дека клубот навистина го прави ова.
„Сите ме познавате десетте години колку што сум во клубот. Секогаш сум бил на услуга на овој клуб и така ќе биде засекогаш. Го правиме најдоброто за Атлетико“, изјави Симеоне.
Гризман на трите досегашни натпревари од Ла Лига одигра само 82 минути, но успеа да постигне два гола.