ФУДБАЛ

Новиот херој на Реал месечно заработувал нешто повеќе од 1.000 евра, денеска се капе во пари

Младиот бразилски фудбалер Родриго е новиот херој на Реал Мадрид откако со два гола во финишот го спаси Реал Мадрид во полуфиналето од Лигата на шампионите.

Реал синоќа до 90. минута губеше во Мадрид со 1-0 и требаше да постигне два гола за продолженија. Иако изгледаше како невозможна мисија, се случи токму така – двата гола на Родриго им донесоа на кралевите дополнителни половина час, а Карим Бензема го елиминира Сити од белата точка.

Бразилецот кој го режираше спектакуларниот пресврт влегува во историјата на клубот. Тој дојде во летото 2019 година од Сантос за 45 милиони евра, а 21-годишниот има договор до летото 2025 година.

Сепак, на почетокот на кариерата во Реал, Родриго имаше нешто повеќе од четири милиони евра годишно, што за него беше нереално со оглед на тоа што пред тоа во Бразил како играч на Сантос добиваше 14.000 евра годишно или нешто повеќе од 1.000 евра месечно.

Со сегашните помалку од 8 милиони евра кои Родриго ги заработува годишно, може да биде многу среќен, но и тоа е далеку од она што го заработуваат некои други ѕвезди, дури и оние кои долго време не се во тимот – Герет Бејл и Еден Азар.

Родриго потекнува од фудбалско семејство бидејќи неговиот татко играл за различни тимови во Бразил, но без вистински успех. Ерик Гоес има играно за тимови од бразилските пониски лиги, вклучувајќи ги Линенсе, Мирасол, Оесте, Гуарани и Кујабу.

На само 16 години, Ерик го доби синот Родриго, кој ја бркаше топката од самиот почеток и набрзо беше јасно дека ќе има далеку поблескава кариера од неговиот татко. Додека играше во јуниорите го споредуваа со Нејмар, кој исто така замина од Сантос во Шпанија, но во Барселона.

„Многумина велат дека личам на него, особено за време на натпреварите. Секогаш се шишам како него и гледам сè што прави“, изјави Родриго во интервју за бразилски весник.

Реал со пласманот во финалето веќе заработи околу 115 милиони евра, а Родриго и соиграчите ќе добијат огромни бонуси за голем подвиг.

Во финалето кое ќе се игра на 28 мај во Париз, Реал ќе ги одмери силите со Ливерпул.