ФУДБАЛ

Откриенo зошто играчот на Фиорентина колабирал на теренот, неговата мајка гледала од трибините (ВИДЕО)

Едоардо Бове, младиот фудбалер на Фиорентина кој колабираше синоќа на теренот на натпреварот против Интер, моментално е во стабилна состојба на интензивна нега. Според последните информации тој е буден и свесен.  Тој во еден момент од натпреварот колабирал на теренот, а следувале трауматични моменти по што натпреварот бил прекинат. Младиот италијански фудбалер веднаш бил пренесен во болница, каде е сместен на одделението за интензивна нега. Играчот од средниот ред кој Рома го позајми на Фиорентина, за среќа е во стабилна здравствена состојба, а Фиорентина синоќа ја објави првата објава за неговата здравствена состојба.

Неговиот клуб потврди дека Бове е во стабилна состојба во болницата во Фиренца, дека неговиот живот не е во опасност, а деталните наоди ќе бидат познати денеска откако ќе бидат завршени сите потребни прегледи. Според првите информации на италијанските медиуми, Бове доживеал епилептичен напад кој кулминирал со краток срцев удар. За среќа, кардиолошките и невролошките тестови ја отфрлија можноста за акутно оштетување на централниот нервен систем и кардио-респираторниот систем.

„Газета дело Спорт“ објави дека соиграчите на Бове, тренерите, клупските официјални лица и семејството веднаш заминале да бидат со него во болница. За жал, во драматичниот момент неговата мајка која беше на трибините гледаше се во живо. Самата мајка Тања се онесвестила на трибините и и била укажана лекарска помош, но за среќа поминала без поголеми последици, по што и самата отишла во болница.