Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев посочи во пресрет на утрешниот трет меч во квалификациите за Евро 2020, дека овие два меча за Македонија се најважните, кој може да го покажат працевот кон кое место ќе одат црвено-жолтите.
Македонија веќе зацрта цел да се избори пласман на Евро 2020, а најискусниот во нашиот состав потенцира дека победа ќе значи дека Македонија би била близу до настап на континенталниот шампионат. Црвено-жолтите имаат четири бода по два меча, а Полска со два повеќе е лидер во групата по двете воведни кола во март годинава.
„Атмосферата е одлична, добро се подготвуваме и знаеме што нѐ чека – два тешки мечеви (следниот е со Австрија в понеделник – н.з.). Но, во моментов сме концентрирани само за Полска, а овој меч е тој што ќе ни го покаже правиот пат кон кое место ќе одиме. Ако победиме, мислам дека можеме и ќе бидеме близу да играмне до Евро 2020. Знаеме против кого играме, знаеме какви поединци имаат Полјаците и подготвени сме за нив. Мислам дека со помош на публиката можеме да ги добиеме“, вели Пандев.
Капитенот посочува дека сите фудбалери се максимално мотивирани и со нетрпение го чекаат мечот, а вардаровиот успех и дочекот на скопскиот плоштад се мотив за фудбалерите да се изборат за такво нешто со пласман на Евро 2020.
„Вардар направи успех, кој тешко дека друга екипа од Македонија ќе го направи. И тоа што се случуваше деновиве покажа дека Македонија живее за спорт и наша желба е да играме на Евро 2020. Посакувам и нас да не дочекаат толку луѓе со пласман на Евро 2020. Мислам дека веќе неколкупати кажав дека сме зрели за исчекор и да играме на ЕП. За мене ова е најдобрата генерација со која сум играл во македонскиот дрес и сега ова се вистинските мечеви на кои треба да го покажеме квалитетот. Имаме победнички менталитет, играчи кои играат во странство и тоа стандардно и сето тоа ми дава надеж дека можеме да успееме. Јас знам дека во скопје на секоја селекција ќе и биде тешко со нас“, додава Пандев.
Извор: sport1.mk