ФУДБАЛ

Парагвајскиот суд одби да го ослободи Роналдињо, поради сомнение за бегство од државата

Поранешниот бразилски репрезентативец Роналдињо заедно со неговиот брат Роберто Асис ќе останат во затворот во Асунсион, откако судот го отфрли нивното барање за куќен притвор, поради сондение дека можат да ја напуштат држвата.

Двајцата Бразилци беа уапсени кон крајот на минатата недела, откако влегоа во земјата со лажни парагвајски пасоши.

Судијата Густаво Амарија, кој е задолжен за случајот, потврди дека двајцата остануваат во затвор наредните шест месеци или додека не заврши истрагата за случајот.

„Ослободувањето на Роналдињо може да доведе до пречки или дури и негово бегство од земјата. Неговото присуство во Парагвај е императив“, рече Амарија.

Истрагата за случајот е на почетокот, а Обвинителството бара и други лица поврзани со издавање и поседување на овие лажни пасоши.

„Ако Роналдињо и неговиот брат бидат ослободени од затвор, ризикуваме да не можеме да ги изведеме пред лицето на правдата, бидејќи Бразил не ги екстрадира своите граѓани“, додаде обвинителот Марсело Пеки.

Иако заврши со фудбал во 2015 година, Роналдињо продолжува да биде исклучително популарен кај љубителите на играта во неговата родна земја и ширум светот.