Александар Пато пристигна во Милано во 2007 година како нова голема бразилска надеж.
Играше многу добар фудбал меѓу „росонерите“, но по заминувањето во 2013 година, не можеше да се врати во форма и да направи голем трансфер во Европа.
Пато играше за Коринтијанс и Сао Паоло, се испроба во Кина каде беше многу добар и не се прослави во Виљареал и Челзи.
Бразилскиот напаѓач сè уште со задоволство ги памети натпреварите во Милан и сонува да се врати.
“Имам одлични спомени. Одиграв 150 натпревари, постигнав 63 погодоци, го освоив Скудетото, Суперкупот. Сонот што сакам да се оствари е враќање во Милан, што е во моето срце”, рече 31-годишниот напаѓач.
Пато исто така би се согласил да биде резерва за Златан Ибрахимовиќ, но тој тврди дека тие би можеле да играат заедно.
“Не би имал ништо против да бидам резерва, но убеден сум дека по неколку натпревари ќе го убедам тренерот дека сум за првиот тим. Можеби јас и Златан би можеле да играме заедно. Би биле одличен тандем”, рече Пато.
Последниот ангажман Пато го имаше во Сао Паоло, а веќе шест месеци е без клуб.