ФУДБАЛ

Пеп: Вест Хем е фантастичен тим со фантастичен менаџер

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола не беше разочаран и покрај елиминацијата од Вест Хем во четвртото коло од Лига купот.

Вест Хем славеа на пенали со 5:3, па тоа беше прекината неверојатна серија на „граѓаните“, кои во претходните четири сезони го освојуваа Лига купот.

„Фантастичната серија беше прекината, но заврши на добар начин. Одигравме многу добро и создадовме шанси против екипа која длабоко се бранеше. Беа подобри на пенали, честитки за нив. Ќе се вратиме следната година“, изјави шпанскиот стручњак.

Вест Хем е во одлична форма и на претходните седум натпревари е само еднаш поразен, а Гвардиола го истакна квалитетот на ривалот.

„Не само оваа сезона, туку и претходните, многу напредуваа. Минатата сезона го одигравме еден од најтешките натпревари на домашен терен со Вест Хем, тие беа подобри. Добро им оди во Премиер лигата (четврти на табелата со 17 бодови), како и во Лига Европа. Тие се фантастичен тим со фантастичен менаџер (Дејвид Мојс). Го знаевме тоа. Ја одигравме нашата игра, не ја видов статистиката, но мислам дека бевме добри. Понекогаш тоа се случува“, заклучи Гвардиола.

Граѓаните веќе во сабота од 16 часот на домашен терен ја чекаат пресметката со Кристал Палас.

ПОВРЗАНО

Премиер ЛигаЛига Европа