Не е тајна дека Цезар Аспиликуета би можел да го напушти Челзи на крајот на сезоната.
Договорот на шпанскиот дефанзивец со европскиот првак истекува на крајот од сезоната, а засега нема индиции дека ќе потпише нов, па неговото име веќе се поврзува со неколку клубови.
Според извештаите од Островот и Шпанија, најголем интерес за Аспиликуета покажала Барселона, која е во долгови и слободните играчи се како кец на десетка.
Според шпанските новинари, преговорите веќе се започнати, а Барселона е подготвена да му понуди на Цезар двегодишен договор со опција за продолжување на уште една.
Сепак, Реал Мадрид сега е вмешан во се, со оглед дека и Флорентино Перез би сакал да го види популарниот Аспи во своите редови, особено поради тоа што легендарниот Марсело на лето го напушта клубот и најверојатно ќе се врати во родниот Бразил.
Треба да се спомене и дека двата клуба се заинтересирани за уште еден играч од Челзи кому му истекува договорот. Барселона на Ноу Камп сака да го види Кристенсен кој е блиску до Баерн, додека Реал Мадрид се поврзува со Рудигер.
Цезар Аспиликуета во Челзи пристигна во 2012 година од Марсеј, а играше и за Осасуна, која ја напушти во 2010 година.
За Челзи одигра вкупно 456 натпревари, постигна 14 гола и додаде 56 асистенции. Сезонава за Челзи одигра 27 натпревари на кои забележа три асистенции.