ФУДБАЛ

Перишиќ му донесе трофеј на Интер, а потоа ги критикуваше челниците на клубот: „Не се прави така“

Иван Перишиќ синоќа беше херојот на Интер во победата против Јувентус (4:2) во финалето на Купот на Италија.

По продолжението Интер успеа да победи и да го освои Купот на Италија, а продолжението го одбележа Перишиќ кој постигна два гола.

Перишиќ најпрвин погоди од пенал за 3:2, а само неколку минути подоцна хрватскиот фудбалер постигна фантастичен гол за конечни 4:2.

Очекувано, за играч на натпреварот беше избран Перишиќ, но тој изненади многумина со својата изјава во која ги критикуваше челниците на клубот од Меаца бидејќи се уште не одлучил за својата иднина.

Перишиќ има договор со Интер до крајот на оваа сезона и не го продолжи бидејќи Интер му нуди полоши услови од моментално. Доколку не ја подобрат понудата, тој ќе си замине од Интер, а има се помалку време да се реши.

Затоа Перишиќ реши по натпреварот искрено да проговори за договорот и им порача на челниците на Интер дека не смеат така да се однесуваат со важни играчи.

„Не знам што ќе се случи со продолжувањето на договорот со Интер, но не можете да се обидувате сето ова да го решите на овој начин. Ваквите ситуации не се решаваат на овој начин со важни играчи. Едвај чекате до крајот и да се надеваме на најдоброто без да се трудиме“, изјави Перишиќ по натпреварот.