ФУДБАЛ

Пике со својата одлука ги шокираше навивачите на Чави и Барселона

Барселона оваа сезона минува низ огромни проблеми и јасно е дека се потребни големи промени во каталонскиот клуб.

Барселона е во големи финансиски проблеми од почетокот на пандемијата на коронавирус, а челниците на овој клуб се обидуваат на секој начин да ја решат кризата, но тоа не е така лесно и едноставно.

Кризата во клубот се одрази и на резултатите на теренот бидејќи Барселона оваа сезона игра очајно. Каталонците веќе испаднаа од Лигата на шампионите, а во домашното првенство се само на осмата позиција.

Чави успеа да направи одреден напредок во играта на Барселона, но јасно е дека се потребни големи промени во играчкиот кадар на овој тим и дека ќе треба време за Барса да се врати на самиот врв.

Веќе подолго време се шпекулира за играчите кои ќе се најдат на трансфер листата на крајот од сезоната, а веќе се познати горе-долу имињата кои клубот ќе се обиде да ги продаде следното лето.

Сепак, шпанските медиуми пренесуваат дека Чави и Жоан Лапорта добиле неочекувана вест од Жерар Пике. Еден од најискусните играчи на Барселона ги изненади сите со тоа што реши да размислува за крај на кариерата на крајот од оваа сезона.

Каталонски „Ел Национал“ објави дека Пике наводно веќе ги известил Чави и Лапорта дека сака да ја заврши кариерата на крајот од сезоната, но дека е подготвен да игра уште една сезона доколку клубот тоа го побара од него.

Во тој случај ќе мора да се согласи на ново намалување на платата, според кое Пике следната сезона би заработил само 155.000 евра, што е далеку помалку од милионската плата што ја имаше во претходните години.

34-годишниот дефанзивец има договор до летото 2024 година, но очигледно е дека сака да се посвети на други работи во животот и е подготвен да ги остави копачкитe.

Пике израсна во Барселона и ги помина сите младински категории на овој клуб. Тој исто така играше три сезони во Манчестер Јунајтед, а потоа се врати во каталонскиот клуб во летото 2008 година со кој освои се што можеше.