ФУДБАЛ

Пирло откри за кој клуб требаше да потпише пред Јувентус

Легендарниот италијански фудбалер Андреа Пирло откри дека за малку му недостигаше да игра за Рома.

Пирло кој сега има 40 години играше во Милан, чиј дрес го носеше десет години, а кога епизодата на „Сан Сиро“ заврши, Рома требаше да биде негова следна дестинација.

Самиот го призна тоа кога се појави на италијанска радио станица, кога новинарите го прашаа за ретроспектива на неговата одлична спортска приказна.

„Јас бев во близок контакт со Рома. Луис Енрике беше назначен за тренер во тоа време, американските сопственици на Рома имаа амбициозен проект… Сепак, на крајот не се согласивме“, откри Пирло.

Се испостави дека Пирло направи добар потег во изборот на Јувентус, бидејќи тој во меѓувреме освои четири последователни Скудета со Бјанконерите и имаше клучна улога во доминацијата на италијанскиот фудбал.

По Јувентус замина во Њујорк Сити во чиј дрес ја заврши кариерата.