ФУДБАЛ

Почина легендарниот фудбалер на Арсенал и Ливерпул

Поранешниот англиски репрезентативец и фудбалер на Арсенал и Ливерпул, Реј Кенеди, почина на 70-годишна возраст.

Реј Кенеди ја започна својата професионална кариера во 1968 година во Хајбери и играше за Арсенал до 1974 година. За лондонските Топџии одигра вкупно 212 натпревари и постигна 71 гол. Ја освои двојната круна – титулата и ФА Купот во 1971 година, пред да се пресели на Енфилд.

Светската слава ја доживува во дресот на Ливерпул. Две години подоцна го облече дресот на англиската репрезентација и учествуваше во најголемите успеси на „црвените“ во средината на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите. Пет пати ја освојуваше титулата во Англија и три пати Купот на шампионите. Тој одигра вкупно 393 натпревари и постигна 72 гола.

„Жалиме за нашиот легендарен фудбалер Реј Кенеди, кој почина на 70-годишна возраст. Мислите на сите во фудбалскиот клуб Ливерпул се со семејството и пријателите на Реј во ова тажно и тешко време. „Почивај во мир, Реј, 1951-2021“, се вели во соопштението на Ливерпул.

Реј Кенеди дојде во Ливерпул истиот ден кога легендарниот Бил Шенкли поднесе оставка како менаџер. Дојде како напаѓач, но две години подоцна новиот менаџер Боб Пејсли го префрли во средниот ред, на позицијата каде што ќе ги доживее најсветлите моменти во кариерата.

Пејсли подоцна напиша во својата автобиографија дека Кенеди е „ еден од најголемите играчи на Ливерпул и веројатно најпотценетиот “.

По заминувањето од Ливерпул во 1982 година, тој играше за Свонси и Хартлпул Јунајтед пред да помине кратко време како играч-менаџер на кипарскиот клуб Пезопорикос.

За репрезентацијата на Англија одигра 17 натпревари и постигна три гола. Играше на ЕУРО 1980 година.

На Реј Кенеди му беше дијагностицирана Паркинсонова болест во 1984 година.