Аргентинскиот стручњак Маурисио Покетино доби отказ од клупата на ПСЖ на крајот од минатата сезона.
Покетино ги презеде парижаните на почетокот на 2021 година и се очекуваше конечно да му ја донесе титулата во Лигата на шампионите во Париз, но откако не успеа во тоа, челниците на клубот му врачија отказ.
Иако Аргентинецот веруваше дека му треба уште малку време за да ги среди работите во тимот, очигледно е дека клупските челници не сакаа ништо да чекаат, а веруваа дека и покрај толку звучни засилувања, се ќе дојде преку ноќ.
Титулата во Лигата на шампионите со години е главна цел на клубот од Париз, но Покетино беше само уште еден во низата тренери кои не ја остварија, а добија отказ по првиот неуспех.
Сепак, се чини дека аргентинскиот стручњак многу брзо би можел да се врати на тренерската сцена, но не токму во клубот што го очекуваше.
Покетино летово беше поврзуван со неколку европски гиганти и во еден момент дури се шпекулираше дека ќе се врати во Премиер лигата, но се чини дека сè уште нема ништо од тоа.
Како што пишуваат француските медиуми, се поизвесно е дека Покетино повторно ќе го видиме во Лига 1, бидејќи тој преговара со челниците на Ница за преземање на тимот на овој клуб.
Ница не ја отвори сезоната според очекувањата и по осум одиграни кола овој клуб е само на 13. позиција со осум бодови и само две победи.
Веќе се шпекулира дека Лусиен Фавр би можел да добие отказ, а главна желба на предводникот на Ница е Покетино.
Од клубот наводно веќе контактирале со аргентинскиот стручњак и ги договараат условите, а како што стојат работите, Покетино нема ништо против да дојде во Ница, па денеска треба да одржи состанок со челниците на клубот за да се обиде да се договори.
Француските медиуми пренесуваат дека Покетино очекувал да добие понуда од клуб кој се натпреварува на највисоко ниво во текот на летото, но кога тоа не се случило почнал да размислува за други понуди.