ПСЖ целосно се подготвува за големата пресметка во осминафиналето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид.
Првиот натпревар овие екипи ќе го одиграат во вторник на Паркот на принцовите, а многумина веруваат дека ќе имаме спектакуларен дуел на екипите кои се меѓу главните фаворити за освојување на ова натпреварување.
Пред натпреварот помеѓу ПСЖ и Реал, во центарот на вниманието е Килијан Мбапе, кој на крајот од оваа сезона ќе го напушти францускиот клуб и очигледно кариерата ќе ја продолжи во Реал Мадрид.
За Мбапе вчера проговори и тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино, кој откри дека разговарал со младиот напаѓач и дека е сигурен дека Мбапе моментално е фокусиран само на ПСЖ.
„Разговарав со него за тоа и работата е јасна. Тој моментално е фокусиран само на ПСЖ. Тој ќе донесе одлука за својата иднина по дуелот против Реал Мадрид и тој самиот ми го кажа тоа. Гледам колку е фокусиран и мотивиран за конечно ПСЖ да го донесе трофејот во Лигата на шампионите“, изјави Покетино.
Да потсетиме, Мбапе има договор со Париз до крајот на оваа сезона и во неколку наврати одбиваше можност да ја продолжи соработката.
За него интерес покажаа многу европски великани, но се чини дека Мбапе одамна одлучил негов нов клуб да биде Реал Мадрид.