ФУДБАЛ

Полските медиуми тврдат: Роберт Левандовски одлучи!

Полскиот напаѓач Роберт Левандовски (33) му порача на директорот на Баерн Минхен, Оливер Кан дека нема да потпише нов договор со клубот и дека сака кариерата да ја продолжи во Барселона.

Според полските медиуми, Левандовски се одлучил за нови предизвици во кариерата. Тој предизвик треба да биде Барселона и наводно одличниот напаѓач веќе му ја соопштил одлуката на Оливер Кан дека сака да го напушти клубот.

Левандовски наводно веќе има договор со Барселона. За разлика од Баерн, Каталонците се подготвени да му понудат повеќегодишен договор и се чини дека 33-годишната ѕвезда ќе отпатува во Каталонија.

„Лева постигна договор со Барселона по онлајн средбата со челниците на Барселона. Одлуката веќе му ја соопштил на Баерн, а со Барселона се е договорено“, пишуваат полските медиуми и тврдат дека изворите се блиски до одличниот напаѓач.

Со тоа што Левандовски е врзан со Баерн уште една година, екипата на Барселона ќе мора да плати одредена отштета, а се проценува дека трансферот би можел да чини околу 60 милиони евра.

Роберт Левандовски е член на баварскиот гигант од 2014 година. Со овој клуб освои апсолутно се, ги собори речиси сите рекорди и ќе остане запаметен како клупска легенда. Вкупно полскиот напаѓач одигра 369 натпревари и постигна 340 гола за најголемиот германски клуб.

Сепак, очигледно е желен за нови предизвици, но секако ќе биде невообичаено да го видиме во дресот на друг клуб по осум години минати во Минхен.