ФУДБАЛ

Поради бизарната клаузула, Дембеле на последните два натпревари одигра само 37 минути за Барселона

Усман Дембеле можеби го одигра својот последен натпревар во дресот на Барселона во неделата.

Веќе е добро познато дека Дембеле има договор со Барселона до крајот на оваа сезона, а на крајот на следниот месец ќе биде слободен играч доколку не го продолжи договорот.

Преговорите со Барселона се уште траат, но се помали се шансите да остане бидејќи многумина сметаат дека Дембеле веќе одлучил кариерата да ја продолжи во дресот на ПСЖ.

Дембеле во јануари изјави дека нема да потпише нов договор, поради што челниците на клубот побараа од Чави да го избрка Французинот од првиот тим. Тоа го направи на неколку натпревари, но потоа се предомисли.

До крајот на сезоната Дембеле играше на речиси секој натпревар и покажа дека е еден од најдобрите играчи што ги има Барса.

Сепак, на претходните два натпревари Дембеле одигра само 37 минути против Хетафе и Виљареал и на многумина не им беше јасно зошто остана на клупата на двата натпревари, а играше само во финишот.

Но шпанските медиуми утрово објаснија дека Чави имал многу добра причина зошто му дал таква минутажа на Дембеле. Ова се должеше на уште една бизарна клаузула која е во трансферот на Барселона и Дортмунд околу овој играч.

Имено, доколку Французинот одигра повеќе од 45 минути на овие два натпревари, Барселона ќе требаше да му плати дополнителни 1,5 милиони евра на Дортмунд и тоа е главната причина поради која одигра само 37 минути.