Македонскиот олимписки комитет (МОК) информира дека Анамарија Георгиевска нема да настапи на Младинските олимписки игри Буенос Аирес 2018, иако таа на 6 април минатата година доби покана од страна на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Светската Таеквондо федерација (СТФ).
Во тој период Георгиевска имаше 54 кг. и беше пријавена во категоријата -55кг. Во меѓувреме, Анамарија Георгиевска во 2018 година оствари историски резултат за македонскиот спорт и освои јуниорски бронзен медал од светско првенство во Тунис во категорија -59кг.
Македонскиот олимписки комитет и Македонската Таеквондо Федерација испратија бројни дописи до ИОК и до СТФ за промена на категоријата во која таа ќе учествува, но за жал сите можни обиди и дописи за да се промени категоријата на овие игри за Анамарија беа одбиени од страна на СТФ.
Вчера, на официјалното мерење, на Анамарија и беа измерени 500 грама повеќе од дозволеното со што таа не доби дозвола за настап.
– Веруваме дека ова ќе претставува уште еден силен мотив за Анамарија да биде уште подобра и да биде уште поодлучна во своите планови да биде број 1 во светот, велат од МОК.