ФУДБАЛ

Поранешен скаут на Арсенал: Бевме многу блиску до потписот на Мбапе

Поранешниот скаут на Арсенал, Жил Гриманди, потврди дека клубот бил блиску до потпис на ѕвездата на ПСЖ, Килијан Мбапе. Ова се случи во 2016 година кога напаѓачот настапуваше за Монако.

Младиот Мбапе беше на мета на неговиот сонародник Арсен Венгер, многу пред да почне да блеска во ПСЖ и да стане светски шампион со Франција.

Арсенал беше подготвен да го купи играчот од Монако, но тој го одби англискиот гигант и преферираше да остане.

„Се обидовме да го убедиме. Ги запознавме неговите родители во Лондон, тие дојдоа во нашата тренинг база и отидовме со Арсен и Ричард Лоу да се сретнеме со Килијан на југот на Франција.

Се обидовме да го убедиме, но мислам дека тоа не беше најдобриот момент за нас. Оваа средба дојде ден откако загубивме дома од Свонси во лигата, а претходно имаше пораз на Олд Трафорд. Исто така, се сеќавам дека имавме големо гостување против Тотенхем само три дена подоцна, така што тајмингот не беше идеален“, изјави скаутот за Ladbrokes.

„Се обидовме и навистина мислам дека не бевме толку далеку од него, но тој го одби нашиот проект и потпиша нов договор со Монако“, заклучи Гриманди.