Руската агресија врз Украина трае речиси четири месеци, од 24 февруари годинава.
Поранешниот руски репрезентативец Игор Денисов смета дека неговата позиција против инвазијата на Украина нарачана од Владимир Путин може да има фатални последици за него.
Денисов, кој беше и капитен на руската репрезентација од 2012 до 2016 година, е против руската инвазија на Украина.
„Овие настани се катастрофа. Целосен хорор“, рече Игор Денисов во интервју за каналот „Јутјуб“ „Нобел“.
„Не знам, можеби ќе бидам уапсен или убиен по овие зборови, но јас зборувам за работите какви што се“, додаде поранешниот играч на Зенит од Санкт Петербург, Динамо Москва и Локомотив Москва, кој играше 56 пати во дресот на Русија.
Денисов откри и дека лично му пишал на Путин да ја прекине војната.
Рускиот парламент усвои закон со кој се казнува секој кој објавува „лажни вести“ или се занимава со каква било јавна активност што ја дискредитира руската воена акција со затворска казна до 15 години.
Дали и какви последици ќе сноси Денисов ќе видиме по неговите изјави, но јасно е дека со оваа изјава ја покажа и човечката страна.