Репрезентацијата на Португалија ја продолжи перфектната серија во квалификациите за ЕП 2024 со најубедливата победа во историјата. За шестата победа во шест натпревари, Португалците го декласираа Луксембург со 9:0, надминувајќи го за еден гол нивниот стар рекорд постигнат три пати, последен пат против Лихтенштајн во 1994 година.
Рекордната победа ја постигнаа без Кристијано Роналдо, кој – случајно или не – го заработи третиот жолт картон во квалификациите во петочната победа над Словачка од 1:0 и го пропушти овој натпревар поради суспензија. Секако, социјалните мрежи експлодираа и заклучија дека отсуството на Роналдо е причина за ваквата напаѓачка рапсодија на Португалија.
Но, неговите соиграчи цврсто ги отфрлаат таквите пресметки.
„Да играше Роналдо, резултатот ќе беше ист. Ќе помагаше со головите и асистенциите. Неговото отсуство не е причината зошто победивме со девет разлика“, изјави играчот од средниот ред на ПСЖ, Данило.
Само втор пораз на Луксембург во шест натпревари
Гонкало Инасио, Гонкало Рамос и Диого Жота постигнаа по два гола, Рикардо Хорта, Бруно Фернандеш и Жоао Феликс по еден, а Фернандеш имаше и три асистенции.
Тоа беше само втор пораз за Луксембург во шест квалификациски групи, а го држи третото место во групата Ј со 10 бодови, откако ги победи Лихтенштајн и Исланд, ја шокираше Босна и Херцеговина во Зеница и зеде бод на гостински терен во Словачка.
