ФУДБАЛ

Потег на Пипита дополнително ги „подгреа“ шпекулациите за неговото враќање во Ривер

Напаѓачот на Јувентус, Гонзало Игуаин, во последно време се повеќе се поврзува со враќањето во родната Аргентина, односно повторно да игра за Ривер Плата.

Популарниот Пипита ваквите шпекулации дополнително ги подгреа така што преку видео технологијата им одржа лекција на младинците на Ривер.

Тој им даде совети преку видео конференција на млади играчи на славниот аргентински клуб за тактички тренинг и исто така одговори на нивните прашања, пренесува „Оле“.

Тој веќе неколку недели престојува во родната Аргентина, каде се грижеше за својата болна мајка, а во италијанските медиуми беше објавено дека нема намера да се врати во Торино.

Сепак, малку поинаква верзија на приказната деновиве расажа неговиот татко Хорхе, кој рече дека Пипита ќе остане член на „Старата дама“ до истекот на договорот, а тој трае уште една година и половина

„Можам да ви кажам дека Гонзало ќе остане во Јувентус до крајот на договорот“, рече тој.

Сигурно е дека играњето за Ривер би му помогнало на Игуаин со тоа што ќе биде поблизу до неговата мајка која е во исклучително тешка состојба, но останува да се види дали трансферот навистина ќе се случи.

32-годишникот веќе беше член на Ривер од каде пристигна во Европа. Тој прво играше за Реал Мадрид на Стариот континент, а потоа и за Наполи, Јувентус, Милан и Челзи.

Тој има постигнато осум голови оваа сезона со исто толку асистенции во сите натпреварувања.