ФУДБАЛ

„Поважно ми е од фудбалот како луѓето се однесуваат кон мене, а Куман ме лажеше и ме измами”

Барселона летово продаде неколку играчи поради финансиски проблеми, а еден од нив беше и Жуниор Фирпо.

Овој лев бек го напушти каталонскиот клуб уште на самиот почеток од преодниот рок откако беше јасно дека Роналд Куман не смета премногу на него.

Фирпо доби понуда од Лидс Јунајтед која не сакаа да ја одбијат и за 15 милиони евра на крајот преминаа во англискиот клуб.

 

25-годишниот фудбалер играше во Барселона две сезони, но без некоја поголема минутажа и најмногу беше во сенка на Жорди Алба. Фирпо дури по заминувањето од Барселона зборуваше за работите што се случуваат во овој клуб.

 

Фирпо во изјава за англиските медиуми откри дека е особено разочаран од Куман, со кого никогаш не добил вистинска шанса, иако холандскиот стручњак секогаш му велел дека смета на него.

„За мене лично, од фудбалот е поважно тоа како луѓето се однесуваат кон мене. На примерот на Роналд Куман можам да ви потврдам дека ме лажеше и ме измами. Ми повтори дека ќе смета на мене, но тоа не беше вистина“, рече Фирпо и продолжи.

 

“Жорди Алба е неприкосновен стартер во Барселона со последните тројца тренери. Искрено, тој беше еден од најдобрите дефанзивци во светот во последните години. Можеби сега не е на тоа ниво, но неговите бројки говорат сами за себе”.

 

Иако од самиот почеток беше свесен што го чека во Барселона, тој изјави дека фудбалерот едноставно не може да одбие таква понуда.

 

„Јас сум доста самокритичен и знаев дека не можам да бидам фудбалерот што сакав да бидам во Барселона. Дресот на Барса носи голема тежина, но ако Барселона ме сакаше 1000 пати, јас би се согласил 1000 пати. никогаш не кажувајте „не“ на Барселона“, додаде Фирпо.

 

По преселбата во Лидс, 25-годишниот фудбалер има одиграно 18 натпревари во сите натпреварувања за англискиот клуб.