ФУДБАЛ

Познат списокот на играчи кои се во конкуренција за Златната топка, катастрофа за Лионел Меси

Престижниот весник Франс Фудбал и оваа година ќе ја додели Златната топка за најдобар фудбалер на светот.

 

Денеска беше објавен списокот од 30 кандидати за освојување на оваа престижна награда, која минатата година на изненадување на сите ја освои Лионел Меси.

 

Меси не е меѓу 30-те фудбалери кои сезонава ќе се борат за наградата. Лошата сезона очигледно си го направи своето и Аргентинецот по долго време нема да биде во потесниот круг за освојување на трофејот. Исто така, го нема неговиот колега од ПСЖ, Нејмар.

На листата на кандидати за најдобар фудбалер на светот се најдоа следните фудбалери: Тибо Куртоа, Рафаел Леао, Кристофер Нкунку, Мохамед Салах, Џошуа Кимих, Трент Александер-Арнолд, Винисиус ЈР, Беранрдо Силва, Луис Дијаз, Роберт Левандовски, Ријад Марез, Касемиро, Хеунг-Мин Сон, Фабињо, Карим Бензема, Мајк Маињан, Хари Кејн, Дарвин Нуњез, Фил Фоден, Садио Мане, Себастијан Халер, Лука Модриќ, Антонио Рудигер, Кристијано Роналдо, Кевин де Бруин, Душан Влаховиќ, Вирџил ван Дијк, Жоао Кансело, Килијан Мбапе, Ерлинг Халанд.

 

Од оваа година ќе има промена на правилата во изборот за најдобрите во светот, а тоа израдува многу љубители на најважното споредно нешто на светот.

 

За разлика од претходните избори, кога наградата се доделуваше по постигнувања во текот на календарската година, отсега ќе се бројат спортските достигнувања на еден фудбалер од почетокот до крајот на сезоната.

Така, Златната топка за 2022 година ќе ја добие оној кој даде најмногу во изминатата сезона, па затоа главен фаворит за оваа ласкава награда е напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема.

 

Она што е важно да се нагласи е промената на критериумите за избор на најдобрите. Прво ќе се оценуваат индивидуалните достигнувања и влијанието на фудбалерите врз тимот, а потоа и колективните достигнувања.

 

Во сè е важно да се погледне и односот на фудбалерот на теренот, односно неговото однесување, а ќе исчезнат и претходните заслуги кои главно ги доведоа на тронот Кристијано Роналдо и Лионел Меси во претходните години.

 

Исто така, што се однесува до гласовите, жирито е намалено на 100 членови и ќе гласаат само експерти од земјите кои се меѓу 100-те на листата на ФИФА.