Премиер лигата истражува дали фудбалскиот клуб Челзи ги прекршил финансиските правила.
Европската фудбалска унија (УЕФА) го казни Челзи со 8,6 милиони фунти во јули за прекршување на финансискиот фер-плеј, како резултат на „доставување нецелосни финансиски информации помеѓу 2012 и 2019 година“.
Тие прекршоци новите сопственици ги пријавиле по купувањето на клубот во мај, а за слични проблеми ја известиле и Премиер лигата, објави денеска Би-би-си.
Лигата сега размислува дали конкретните обвиненија, како оние против Манчестер Сити и Евертон, се соодветни.
Првобитната казна се однесуваше на седумгодишниот период кога Роман Абрамович беше сопственик на Челзи.
По политички притисок, рускиот милијардер минатиот мај го продаде клубот на американскиот инвеститор Тод Боли и на приватната инвестициска компанија Clearlake Capital.
Челзи соопшти дека целосно соработувал со УЕФА за време на истрагата и дека склучил договор за порамнување со Европската фудбалска управа.
Клубовите може да бидат казнети или одземени бодови доколку се утврди дека се виновни за кршење на финансиските правила. Шампионот на Европа и Премиер лигата Манчестер Сити беше обвинет за прекршување на повеќе од 100 финансиски правила во февруари, а Евертон во мај беше упатен до независната комисија на Премиер лигата поради наводни финансиски прекршувања. Двата клуба негираа дека сториле нешто лошо.
