Антонио Конте ќе остане на клупата на Наполи следната сезона, откако беше постигнат договор со претседателот на клубот, Аурелио Де Лаурентис. По освојувањето на четвртото Скудето во историјата на клубот, се шпекулираше за евентуално заминување на Конте во Јувентус. Се чинеше дека сè е договорено, но имаше неочекуван пресврт по синоќешната средба.
Де Лаурентис го убедил Конте да остане, ветувајќи му значителни засилувања, вклучувајќи го и доаѓањата на Кевин Де Брујне и напаѓачот на Лил, Џонатан Давид, и буџет за трансфери од 150 милиони евра.
Конте, кој има договор до 2027 година, затоа одлучи да остане и да го води Наполи во Лигата на шампионите, а неговата одлука влијаеше на тренерската ситуација во Италија, бидејќи Масимилијано Алегри, кој се споменуваше како можен наследник, го презеде Милан. Нема сомнение дека по ова, Конте засекогаш ја затвори вратата за трансфер во Јувентус, чии навивачи не му простија што замина во Интер, а сега тој го изигра начелниот усмен договор со „Старата дама“ и остана во Наполи.
По ова, Игор Тудор има големи шанси да остане на клупата на Јувентус, бидејќи изборот за Старата Дама останува многу ограничен, а меѓу потенцијалните кандидати се Џан Пјеро Гасперини, Роберто Манчини и Стефано Пиоли.
