“Росонерите” на две кола пред крајот имаат два бода предност пред градскиот ривал Интер, а голем предизвик за тимот на Стефано Пиоли пристигнува в недела кога на “Сан Сиро” пристигнува секогаш незгодната Аталанта. Победата на Милан и евентуалниот пораз од Интер во Каљари ќе им ја донесе титулата на “Росонерите”, но многу е можно се да биде решено во последното коло.
Челниците на Серија А назначија и човек кој ќе ја дели правдата на овој натпревар. Се одлучија за најдобриот, па Даниеле Орсато в недела ќе го води мечот на теренот на Сан Сиро.
Сепак, овој искусен судија не е премногу среќен за Росонерите. Милан нема победа на Сан Сиро 12 години кога им суди, а последната победа ја забележа на 6 јануари 2010 година кога ја победи Џенова со 5:2.
Интересно е што Џенова беше предводена од актуелниот тренер на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини, а навивачите на Милан секако се надеваат дека овој резултат ќе се повтори.
Треба да се напомене и дека Милан веќе осум години на домашен терен не ги совладал гостите од Бергамо. Последен пат славеа со 3:0 во јануари 2014-та година.
Оттогаш седум пати ја пречекаа Аталанта. Четири пати натпреварите завршуваа нерешено, а трипати славеше тимот од Бергамо.