ФУДБАЛ

Прв натпревар и веднаш главоболки за тренерот на Реал Мадрид

Во пет часот наутро по средноевропско време во пријателски натпревар во Лас Вегас ќе се сретнат Реал Мадрид и Барселона.

 

Подготовките за Ел Класико, без разлика што се работи за пријателски натпревар, се важен момент за двете екипи. Играчите сакаат да покажат дека имаат предност пред своите ривали и да го подигнат моралот пред официјалниот почеток на сезоната.

 

За Каталонците се очекува Роберт Левандовски да дебитира и да формира нов напад покрај Рафиња и Ансу Фати. Од друга страна, Реал Мадрид ќе се потпре на две аквизиции, Антонио Рудигер и Аурелиен Чоамени.

Сепак, за Карло Анчелоти имаше прашалници на тренингот што играчите го одработија во петокот, два дена пред натпреварот. Ферланд Менди и Еден Азар тврдеа дека имаат здравствени проблеми, но конечно без поголеми проблеми го одработија тренингот и се очекува да бидат на теренот за натпреварот против Барселона.

 

Од друга страна, Дани Карвахал имаше болки во скочниот зглоб и не се задржа до крајот на тренингот. Шпанските медиуми пренесуваат дека тој нема да може да го одигра овој натпревар.

На турнирот во Америка Реал Мадрид ќе одигра три пријателски натпревари. По Барселона, следуваат натпревари против Клуб Америка и Јувентус.

 

Карло Анчелоти ќе ги проверува младите играчи како Луис Лопез и Лукас Канизарес (голмани), Тобијас (одбранбен играч) и Латас (напаѓач) во САД.

 

Италијанскиот стручњак неодамна зборуваше за шпанските медиуми и изјави дека Реал Мадрид нема да купува повеќе играчи во актуелниот преоден рок.

 

“Нема да правиме повеќе трансфери. Среќни сме со сегашниот тим, силни сме. Среќен сум со Рудигер и Чуамени и сигурен сум дека Азар многу ќе ни помогне”, изјави Анчелоти.

 

Ла Лига вообичаено започнува на 14 август, а во првото коло шампионот Реал Мадрид гостува кај Алмерија, а Рајо Ваљекано во Барселона.

 

Пред тоа Реал Мадрид на 10 август ќе го игра Суперкупот на Европа, каде ривал ќе му биде Ајнтрахт од Франкфурт.

ПОВРЗАНО

Ла Лига