Иако има тежок старт на Паркот на принцовите, а има само една цел во францускиот шампионат, аргентинската суперѕвезда може да се пофали со некои достигнувања во дресот на својот нов тим, како најубавиот гол во групната фаза од Лигата на шампионите.
Меси е под жестоки критики откако летово пристигна во Париз како слободен играч од Барселона. Точно, Аргентинецот постигна само еден гол во Лига 1, но блескаше во Лигата на шампионите, сепак на натпреварот против Манчестер Сити го постигна најубавиот гол во групната фаза од тоа натпреварување.
Леонардо, спортскиот директор на Париз, реши остро да одговори на оние кои го критикуваа или сè уште го критикуваат Меси, уверувајќи дека Јужноамериканецот е меѓу најважните играчи на ПСЖ, заедно со Килијан Мбапе, кој има 22 години.
„Ако почнете да се расправате за Меси, тогаш не знаете ништо за фудбалот. Неговите бројки во последниве месеци се неверојатни. Тој и Мбапе придонесоа за речиси секој гол постигнат од клубот. Тој беше еден од одлучувачките играчи на ПСЖ. Тој игра веќе 20 години. Работите се менуваат кога имате други играчи со вас во тимот. Но, тој може да се прилагоди бидејќи е генијалец“, изјави Леонардо.
Лионел Меси оваа сезона постигна вкупно пет гола за ПСЖ со пет асистенции на 15 одиграни натпревари.
Сепак, навивачите на ПСЖ и челниците на тој клуб се надеваат дека Меси ќе биде најдобар кога ќе биде најпотребен – во натпреварите од нокаут фазата во Лигата на шампионите.