Хрватскиот фудбалер Иван Ракитиќ е незадоволен што Севиља синоќа пред своите навивачи освои само бод против Виљареал, но јавно го поддржа тренерот Диего Алонсо, чија оставка бараат навивачите.
„Бод не е доволен. Бевме поблиску до три бода, но ова е ситуација во која често се наоѓаме“, изјави 35-годишниот Ракитиќ по ремито 1:1.
„Се обидовме, се боревме, не се откажавме… тимот ја покажа својата желба. Уште еднаш, благодарност до навивачите за поддршката“, изјави Ракитиќ за телевизијата Мовистар.
Навивачите се незадоволни бидејќи ниту новиот тренер Алонсо не успеа да го сврти лошиот старт на сезоната. Откако поранешниот селектор на Уругвај седна на клупата во октомври, Севиља успеа да победи само еднаш во десет натпревари против нисколигашите во купот.
„Имаме максимална доверба во тренерот. Фудбалот е едноставно суров затоа што напаѓавме, тешко поведовме и веднаш примивме гол“, рече Ракитиќ.
Тој призна дека навивачите не заслужуваат толку лоши резултати поради кои Севиља заврши на 15-то место од 20 клубови во Ла Лига и на последното место во групата во Лигата на шампионите.
„Но, ние не сме без енергија, не ги спуштивме главите, па верувам дека конечно ќе дојдеме до победата која ни е очајно потребна“, заклучи Ракитиќ.
Севиља, минатогодишниот освојувач на Лига Европа, во последните денови беше на удар на навивачите кои минатиот месец дојдоа на тренинг за да им кажат на играчите дека не се среќни. Во последните пет натпревари забележаа три порази и две нерешени.
