Серхио Рамос дефинитивно го напушта Реал Мадрид.
За ова се зборуваше подолго време, но сега Реал ги потврди тие информации. Кралевите синоќа објавија дека Рамос денеска на прес-конференција во друштво на Флорентино Перез ќе ја заврши својата 16-годишна ера во мадридскиот клуб.
Искусниот дефанзивец имаше една визија, а раководството на Реал имаше друга. Тие не успеаја да се договорат за висината на договорот, па на крајот Рамос одлучи да замине. Немаше избор, тој сфати дека е отпишан сега кога му истекува договорот, па мора да бара нов тим.
Тој синоќа го направи првиот чекор кон збогување, па ја смени сликата на насловната страница на Твитер и сега стои „Благодарам“ до грбот на Реал.

Со 35 години на грб, Рамос е сè уште привлечен за сите. Не е лесно да се исполнат неговите очекувања и да му се дадат околу 12 милиони евра годишно, но некои можат да го направат тоа без никакви проблеми.
Постојат четири кандидати за неговиот потпис, а меѓу нив се и Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, ПСЖ, додека некои веруваат дека поранешниот клуб на Рамос, Севилја е во центарот на вниманието.
Прашање е дали Рамос ќе прифати помалку пари за да игра во својот поранешен тим и да му помогне да игра во Лига на шампиони или сепак ќе земе подобар договор за крајот на кариерата и ќе игра во некоја друга од најсилните лиги уште една сезона, а англиската Премиер лига одамна е негова желба.
За Реал одигра 671 натпревар, а како стопер успеа да постигне дури 101 гол. Освои четири Лиги на шампиони, пет титули во Ла Лига, четири Светски клупски шампионати, два Копа дел Реј, четири Суперкупа на Шпанија и три Суперкупа на Европа…
Ова не се најдобрите моменти во кариерата на Рамос, кој остана без настап во репрезентацијата на Шпанија, која во моментов игра на Европско првенство.