Барселона и Манчестер Сити со победи ја започнаа новата сезона од Лигата на шампиони, во која се очекува да бидат едни од главните кандидати за титулата шампион на Европа.
Барселона гостуваше кај Њукасл во Англија, каде што нејзин херој стана Маркус Рашфорд, кој постигна два гола за победата на Каталонците со 2:1.
Во 58-та минута, Жил Кунде центрираше од десната страна, а Рашфорд со глава погоди и го постигна својот прв гол во дресот на Барселона, во која пристигна летово од Јунајтед.
Само девет минути подоцна, повторно се појави Рашфорд, овој пат со спектакуларен гол, еден од најдобрите во неговата кариера.
Рашфорд шутираше силно од повеќе од 20 метри, а тој „проектил“ заврши под пречката од голот на Свраките за 2:0. Конечните 2:1 ги постави Ентони Гордон со гол во 90-та минута.
До победа од 2:0 на „Етихад“ стигна Манчестер Сити, кој на отворањето на сезоната беше домаќин на Наполи, шампионот на Италија.
Лошо започна ова гостување за Наполи, бидејќи во 21-та минута Џовани ди Лоренцо доби директен црвен картон поради фаул над Халанд.
Поради тоа, Антонио Конте беше принуден на рана измена и од игра го повлече Кевин де Брујне, кому овој натпревар му беше прв настап на „Етихад“ по заминувањето од Сити.
Отпорот на Наполитанците, кои се бранеа одлично со играч помалку, Граѓаните го скршија во 56-та минута, кога Халанд погоди за 1:0 по асистенција од Фил Фоден.
Во 65-та минута, Сити ја реши дилемата околу победникот со втор гол на натпреварот, кој го постигна Жереми Доку по додавање од Тијани Рајндерс.
Резултати ЛШ (четврток)
Клуб Бриж – Монако 4:1
Копенхаген – Леверкузен 2:2
Ајнтрахт – Галатасарај 5:1
Манчестер Сити – Наполи 2:0
Њукасл – Барселона 1:2
Спортинг – Кајрат 4:1
