Вечерашните дуели од Лигата на шампионите донесоа пресврти, драма и спектакуларни голови. Реал Мадрид успеа со играч помалку да го совлада Марсеј, додека Јувентус и Борусија одиграа неверојатен натпревар што заврши 4:4.
На „Сантијаго Бернабеу“ немаше недостаток од возбуда. Марсеј ги шокираше домаќините во 22. минута со голот на Тимоти Веа за водство од 1:0, но Килијан Мбапе шест минути подоцна реализираше пенал за израмнување 1:1.
Драмата следеше во 72. минута кога Дани Карвахал доби директен црвен картон поради неспортски удар со глава врз голманот Руљи.
Иако со играч помалку, Реал стигна до победа. Мбапе во 82. минута повторно погоди од белата точка и му донесе големи три бода на мадридскиот клуб.
Во Торино беше видена вистинска голеада во дуелот меѓу Јувентус и Борусија. На крајот, Јуве во судиското надополнување постигна два гола и стигна до реми 4:4.
Карим Адејеми ги донесе гостите во водство во 52. минута, но Кенан Јилдиз со одличен удар израмни во 63. минута. Само две минути подоцна, Феликс Нмеча ја врати предноста на Борусија, но Душан Влаховиќ во 67. минута израмни на 2:2.
Кога Јан Куто во 76. и Рами Бенсебаини од пенал во 86. минута постигнаа голови за водство од 4:2 за Борусија, изгледаше дека сè е готово, но Јуве не се предаде.
Влаховиќ во 94. минута намали на 4:3, а потоа Кели во 96. минута по центаршут на Влаховиќ израмни на 4:4 за неверојатен крај на мечот во Торино.
Резултати:
Атлетик Билбао – Арсенал 0:2 (Мартинели 72′, Тросар 87′)
ПСВ – Унион СЖ 1:3
(Рубен ван Бомел 90′ / Давид 9′ пен., Ел Хаџ 39′, Мак Алистер 81′)
Реал Мадрид – Марсеј 2:1
(Мбапе 28’ пен., 82’ пен. / Веа 22′)
Јувентус – Борусија Дортмунд 4:4
(Јилдиз 63’, Влаховиќ 67’, 90+4’, Кели 90+6’ / Адееми 52’, Нмеча 65’, Јан Куто 76’, Бенсебаини 86’ пен.)
Бенфика – Карабах 2:3
(Баренечеа 6’, Павлидиш 16’ / Андраде 30’ пен., Дуран 48’, Кашчук 86’)
Тотенхем – Виљареал 1:0
(Луиз Жуниор 12’ аг.)
